nav_mac.gif
 

Значајни личности: Димитрија и Константин Миладиновци

Браќа Миладиновци - живот и дело

Петар Аврамоски

1
2
3
4
5
6
7

_________________________________________________________

7

        ***
        
        Споменот на Миладиновци се негувал и чувал меѓу нашиот народ, а особено во нивниот роден град Струга, и меѓу нивните сограѓани. И покрај тоа што Миладиновци биле анатемисани од црквата и нивното семејство малтретирано од страна на турските Iвласти, стружани не ги оставила сами да страдаат, а браќата Миладиновци и нивното дело станале култ и обележје на Струга. Така, на местото каде што се наоѓала нивната родна куќа, која заедно со уште две соседни куќи изгорела во еден случаен пожар на 26 јули 1925 година, сега се издига прекрасен објект - Спомен дом на браќата Миладиновци, изграден во стилот на старата македонска архитектура.
        Покрај експонати за браќата Миладиновци, во него е сместена и "Меѓународната поетска библиотека" и архивата на меѓународниот поетски фестивал "Струшки вечери на поезијата".
        Идејата за тој фестивал се роди во 1961 година, на прославата на 100 годишнината од излегувањето од печат на Зборникот на браќата Миладиновци. Таа идеја се реализира веќе во наредната 1962 година кога се одбележува стогодишнината од нивната маченичка смрт. Во наредната година, фестивалот прерасна во југословенски, а набрзо и во меѓународен поетски фестивал, а Струга стана престолнина на светската поезија. На фестивалот учествуваат голем број поети од над 70 земји. Од 1966 година, на фестивалот се доделува виоокото признание "Златен венец" на Струшките вечери на поезијата, а портретите на добитниците и нивните дела ги красат витрините на библиотеката во која сретнуваме многу познати имиња на светската поезија како: Рожденственски, Неруда, Монтале, Алберти, Конески, Агјеј, Вознесенски, Десанка Максимовиќ, Бродски и многу други, додека фондацијата од над 8000 книги поезија на разни јазици и од многу земји на светот е од подарени дела на учесниците на фестивалот. Тука се доделува и наградата "Браќа Миладиновци" за најдобра книга поезија од македонски автор издадена меѓу два фестивала.
        Фестивалот се одржува секоја година во последната недела на август, а започнува во четврток со рецитирање на бесмртната песна на Константин Миладинов "Т’га за југ", тој бисер на елегичната поезија која има преку 70 препеви на преку 40 светски јазици. И низ многубројните настапи на поетите и поетските манифестации и симпозиуми, фестивалот завршува во недела вечерта со спектаклот "Мостови", кога пред повеќе од десетина илјади љубители на убавиот поетски збор, распореден по кејовите на Црн Дрим, свои творби читаат сите поети учесници на фестивалот и на крајот на лауреатот му се врачува Златниот венец.
        И додека од "Престолнината на светската поезија", како што ја нарекуваат Струга, од поетскиот трон на "Мостот на поезијата" се испраќаат пораките на хуманост и мир во светот и го повикуваат на разбирање и соработка, бисерните води на Дрим кои тука истекуваат од прекрасното Охридоко Езеро, шумно ја раскажуваат приказната за опстојувањето и вечниот непокор на овој народ и неговите достоинствени и бесмртни синови, БРАЌАТА МИЛАДИНОВЦИ

 

© Енциклопедија на културното наследство на Струга, 2005.
Сите права се задржани.