nav_mac.gif
 

Значајни личности: Милан Ѓурчинов

Милан Ѓурчинов

МСК

Биографија
Антон Чехов
Вечно актуелниот Достоевски
Александар Блок
Еден од последните херои на романтизмот
Марина Цветаева: Низ хаосот кон повисокиот степен на смислата
Пронаоѓач на ѕвездениот јазик

_________________________________________________________

Биографија

Милан Ѓурчинов       Милан Ѓурчинов (1928), академик, редовен професор во пензија, Катедра за славистика и Катедра за општа и компаративна книжевност, Филолошки факултет "Блаже Конески” во Скопје (Р. Македонија). Дипломирал славистика на Филозофскиот факултет во Белград (1951), специјализирал Нова руска книжевност на Универзитетот "Ломоносов” во Москва (1957). Компаративна книжевност специјализирал на Парискиот универзитет Сорбона (1960-1961). Од 1965 до 1971 бил шеф на Катедрата за славистика на Филолошкиот факултет во Скопје, а од 1980 г. Откако ја основал на Филолошкиот факултет Катедрата за компаративна книжевност, станал и нејзин прв шеф, се до пензионирањето во 1988 година.
        Докторска дисертација: "Преломни години во животот и во творештвото на А. П. Чехов” (1960). Предавал теорија на литературата, руска книжевност 19 и 20 век, како и повеќе курсеви од областа на компаративната книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје. Учествувал на сите Меѓународни славистички конгреси од 1968 г. (Прага) до последниот (2003) во Љубљана на кој е избран за Претседател на меѓународниот славистички комитет и организатор на идниот (XIV) Меѓународен конгрес на славистите во Македонија. Учествувал на голем број меѓународни собири и одржувал предавања од областа на славистиката и македонската книжевност на голем број универзитети (Белград, Загреб, Љубљана, Сараево, Виена, Букурешт, Софија, Тирана, Варшава, Прага, Париз, Берлин, Осло, москва, Санкт-Петербург, Киев. Рим, Неапол, Оксфорд, Лисабон, Торонто, Вашингтон, Чикаго, Колумбус, Њу Јорк, Харвард, Минхен, Инбрук, Лајден).
        Милан Ѓурчинов е редовен член на Македонската Академија на науките и уметностите, член е на Медитеранската Академиија од Неапол, бил член на Извршното биро на Меѓународната асоцијација за компаративна книжевност (A. I. L. K.), член на Меѓународната асоцијација проучување на Достоевски, член на Извршниот комитет на Европското друштво за култура (S. E. K.). Бил претседател на Друштвото на писателите на Македонија (1963), Претседател на Струшките вечери на поезијата, а тој е и еден од основачите на македонскиот ПЕН-клуб.
        Зад акад. Милан Ѓурчинов стои богата активност на книжевно-критички, научен и културен план. Во текот на изминативе 50 години тој остварил обемен опус кој опфаќа над 650 библиографски единици, помеѓу кои 30 одделни книги, монографии и антологии. Неговите текстови, како и некои книги објавени се на повеќе европски јазици. За неговото дело пишувале преку 120 автори во Македонија, во бивша Југославија, како и во светот - во Франција, Русија, САД, Италија, Полска, Чехословачка, Турција и во други земји.
        Неговата активност се одвива во 3 насоки:
        1. Како книжевен критичар и есеист на современата македонска книжевност тој е автор на првата книга критики и есеи во македонската литература "Време и израз” (1956), како и на десет други книги посветени на македонската литература од 20 век.
        2. Како славист и русист тој е автор на преку 100 прилози од руската книжевност на 19 и 20 век, како и на пет одделни книги: "Чехов за литературата” (1960), "Достоевски” (1981), "Пастернак” (1988), "Заговорници на човечноста” (199?) и неодамна "Хармонија во хаосот” (2004) и "Младиот Чехов” (2004).
        3. Како компаративист, тој е основач на компаративната книжевна наука во Македонија, прв Шеф на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје (1980) и прв претседател на Друштвото за компаративна книжевност во Македонија.
        Како толкувач на македонската книжевност од 20 век, тој е еден од најпознатите македонски критичари кои најмногу придонеле за афирмацијата на современата македонска поезија и проза кај нас и во светот. Тој беше раководител на седумгодишниот научно-истражувачки проект "Компаративно проучување на македонската литература и уметност во 20 век”, со учеството на македонски и странски учесници, а сега работи врз два нови научно-истражувачки проекти.
        Добитник е на повеќе наши и странски признанија.
        
        Преземено од:
        Меѓународен славистички комитет

 

© Енциклопедија на културното наследство на Струга, 2005.
Сите права се задржани.